Како Челзи со еден потег успеа да го направи „грабежот на столетието“ и така да настрада Реал Мадрид?

Реал Мадрид пред две години направи бум на фудбалскиoт трансфер-пазар откако реши да вложи 160 милиони евра за купување на Еден Азар. Белгискиот репрезентативец блескаше во дресот на Челзи и беше цел на сите големи клубови. Кралевите беа најконкретни и не жалеа пари и го доведоа на „Сантијаго Бернабеу“.

За доведувањето на Азар, Реал плати во три рати. Прво даде 40 милиони евра, а потоа уште 56 и 64 милиони евра за комплетирање на 160-те милиони евра. Парите од трансферот на Азар, Челзи реши да ги искористи за доведување на неколку фудбалери.

Лондонскиот тим реши да потроши 80 милиони евра за Кај Хаверц, потоа даде 53 милиони евра за Тимо Вернер, а беа потрошени и 24 милиони евра за голманот Едурард Менди. Тоа се вкупно 157 милиони евра, од 160-те што ги зеде од продажбата на Азар.

Азар со доаѓањето во Реал, започна малерозно. Веднаш се повреди и голем дел од мечевите мораше да ги пропушти. Досега поради повреда го немаше на 66 меча. Одигра само 40 средби, во кои има само четири погодоци и седум асистенции.

За разлика од Азар, Хаверц, Вернер и Менди се претворија во стандардни играчи во Челзи, а токму тие беа и едни од најзаслужните што Челзи успеа да го елиминира Реал Мадрид во полуфиналето од Лигата на шампионите и да игра во финалето против Манчестер сити.

 

- Оглас -

Најнови вести