Серхио Рамос отпатува со екипата на Реал Мадрид во Манчестер, но не може да игра против Сити, вечерва во реванш-мечот од осминафиналето во Лигата на шампионите, што е огромен хендикеп за најтрофејниот клуб во Европа.
Рамос беше исклучен во финишот на првиот меч игран во февруари годинава на „Сантијаго Бернабеу“, а Реал загуби со 1:2.
Сега без капитенот во составот мисијата на Кралевите ќе биде уште потешка. Им требаат најмалку два гола за да се надеваат на подвиг на „Етихад“, вечерва од 21 часот.
Рамос, иако е стопер сезонава со 11 гола во Ла Лига беше втор стрелец на Реал Мадрид, зад Бензема со 21, а особено добро командуваше со најдобрата одбрана во Шпанија.
Реал прими само 25 гола на 38 натпревари, најмалку од сите шпански екипи кои играа во Ла Лига во сезоната што заврши со шампионска круна за Рамос и соиграчите.
Клубот од Мадрид има исклучително лош биланс кога игра без Рамос во составот, а забележани се пет порази на последните шест меча на кои стоперот бил отсутен.
Имаше и многу болни неуспеси како ланскиот од Ајакс на „Сантијаго Бернабеу“, кога Реал тргна во реваншот со позитива од 2:1, но беше декласиран од Копјаниците со 4:1 за елиминација во осминафиналната фаза во ЛШ, иста како и денешниот реванш меч со Манчестер сити.
Реал беше на прагот на сеназционално испаѓање и од Јувентус во четвртиналето пред две сезони, кога имаше огромни 3:0 од Торино на реваншот во Мадрид, но без Рамос во тимот по само еден час игра губеше со 0:3 од Старата дама.
Имаше вистинска драма, а Реал се спаси со гол од пенал во 97. минута, иако го загуби мечот со 1:3. Без капитенот во составот 13-кратниот европски првак ги губеше и мечевите со ЦСКА Москва, Шалке 04, ПСЖ…, па очигледно е дека вечерва од 21 часот мисијата за да се анулира негативата од 1:2 против Манчестер сити ќе биде многу тешка за Реал Мадрид.