Ливерпул денеска не игра, но, сепак, може да му биде најсреќниот ден во последните 30 години кога се работи за натпреварувањето во домашното првенство. Гигантот од „Енфилд роуд“ може да се радува на освојување на титулата доколку вечерва Манчестер сити не успее да победи на гостувањето кај Челзи.
Ако Сити не победи, тогаш Ливерпул ќе има недостижна предност пред Граѓаните, и тоа на седум кола до крајот на првенството. Никогаш претходно во Премиер лигата немало шампионот на толку кола до крајот за доигрување. Претходниот рекорд за најбрзо освоена титула го држат Манчестер сити од сезоната 2017/18 и Манчестер јунајтед од сезоната 2000/01, кога се радуваа на пет кола пред крајот.
Парадоксално ќе биде тоа што Ливерпул ако стане шампион денеска, освен што ќе биде клубот кој најрано во сезоната стигнал до трофејот, истовремено ќе биде клубот и кој најдоцна го подигнал пехарот. Поради пандемијата со корона-вирусот, сезоната три месеци беше во прекин, па затоа наместо да заврши во мај, таа се игра и сега во јуни, а ќе се игра и во јули. Никогаш претходно титулата не била предадена на крајот од јуни, а токму Ливерпул треба да биде првиот клуб кому му успеало такво нешто.
Освен овие два интересни рекорди, Ливерпул е на прагот да постави уште неколку нови најдобри остварувања поврзани со Премиер лигата. Тој може да биде клубот кој ќе биде првак со најголема разлика во однос на второпласираниот. Тој рекорд е на Манчестер сити, кој имаше 19 бодови пред второпласираниот во сезоната 2017/18. Ливерпул моментно има 23 бода пред Граѓаните.
До крајот на сезоната на Ливерпул му требаат само уште четири победи за да се достигне рекордот на Сити, кој во една сезона има 32 победи. Три клуба во историјата успеале на свој терен да имаат 18 победи во една сезона, но досега немало клуб кој имал максимални 19 победи пред своите навивачи во една сезона. Ако Ливерпул до крајот на сезоната ги победи Астон вила, Барнли и Челзи, ќе стигне до овој рекорд.
Манчестер сити е рекордер со 100 бода во една сезона, а ако Ливерпул ги освои сите бодови до крајот може да стигне до 107 бодови.