Можеби најинтересниот дуел во Конференциската лига ќе биде тој во Норвешка, меѓу Бодо/Глимт и Рома. Според звучноста на имињата на екипите, јасно е дека Рома треба да е огромен фаворит за поминување во следната фаза, нешто што ѝ го покажуваат коефициентите во Sport Life за тоа кои екипи ќе одат во полуфиналето на новото натпреварување на УЕФА.
Само 1.22 е коефициентот дека Рома во двомечот ќе го елиминира норвешниот тим, додека за Бодо/Глимт да се пласира во полуфиналето, квотата е дури 4.
Ваквите коефициенти нема да бидат за чудење, но само доколку Бодо/Глимт и Рома веќе сезонава не одиграа два меча, и тоа во групната фаза од Конференциската лига. Пред неполни шест месеци, Рома гостуваше во Норвешка кај Бодо/Глимт и претрпе дебакл, загуби со 6:1.
Бодо/Глимт на полувремето водеше со 2:1, а во вториот дел Римската волчица доживеа потоп и прими уште четири гола за еден од најтешките порази на меѓународна сцена. Дека таа победа на норвешкиот тим не беше случајна, се потврди и во реваншот, кога на „Олимпико“ во Рим средбата заврши 2:2, а гостите двапати имаа водство.
МУРИЊО СЕКОГАШ ИМА ОБЈАСНУВАЊЕ
Тренерот на Рома, Жозе Мурињо, вели дека сега има сосема поинаков тим од тој пред шест месеци и е убеден дека резултатот овојпат ќе биде во негова корист.
„Среќен сум што се враќаме тука и се надевам дека ќе поминеме подобро од претходниот пат. Секогаш сум велел дека не сакам да играм на вештачка трева затоа што фудбалот се игра на природна трева, во спротивно тоа е друг спорт. Сепак, сега нема оправдување, имаме два меча и сакаме да играме во полуфиналето. Го респектираме Бодо/Глимт затоа што тие и на ‘Олимпико5 го покажаа својот квалитет. Сепак, ова ќе биде различен меч од тој во октомври, ние сме друг тим. Вистинска драма за нас беше поразот од 6:1 затоа што тоа не беше само обичен пораз“, рече Мурињо пред денешниот меч.