Беше страв и трепет во Бундеслигата, сега направи хуманитарен тикет кој носи 10.000 евра

За помалку од 20 дена, македонската фудбалска репрезентација за прв пат ќе игра меч против најтрофејната европската репрезентација, Германија. Панцерите се четирикратни светски прваци, а три пати биле на европскиот трон. Кога се работи за Германија и македонски фудбал, првата асоцијација е на Саша Ќириќ.

Популарниот Чиро е играчот кој беше страв и трепет за голманите во Бундеслигата, а по негови шутеви, топката од мрежата ја вадел и еден од најдобрите голмани во историјата, Оливер Кан. Токму Ќириќ денеска е нашиот гостин кој состави хуманитарен тикет, а поразговаравме и за претстојните мечеви на фудбалската репрезентација на Македонија.

ГЕРМАНИЈА Е ФУДБАЛСКА МАШИНЕРИЈА, НО МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА СЕ БОРИ ЗА ВТОРОТО МЕСТО ВО ГРУПАТА

„За брзо време започнуваат квалификациите за Светското првенство, а Македонија е во интересна група, каде Германија ја има улогата на голем фаворит. За прво место нема да имаме шанси да се бориме, но нашата шанса е втората позиција во групата, каде ќе водиме битка со селекциите на Романија и Исланд. Романија е една од оние репрезентации кои секогаш биле незгодни за нас, нешто во стилот како што се Австрија, Полска, Словачка. Исланд има квалитетни фудбалери, а тоа го докажаа и веќе со пласман на големи натпреварувања. Ќе биде тешко, но секако дека нема да се предадеме и ќе се бориме за пласман на СП“, вели Ќириќ во првичната анализа за групата во која е Македонија за Мундијалот во 2022 година.

ФАНОВИТЕ НА НИРНБЕРГ УШТЕ ГО ПАМТАТ 

Како фудбалер, Саша осум години помина во Германија, каде настапуваше за Нирнберг, Тенис Борусија Берлин, Ајнтрахт Франкфурт и Кикер Офенбах. Во Нирнберг е прогласен за почесен граѓанин, а беше стрелец и на јубилениот 1.000-ти погодок и тоа во дуел против Баерн Минхен, кога Оливер Кан беше матиран од пенал. За тоа колку беше почитуван како фудбалер, покажуваат и бројните кореографии кои ги правеа навивачите во чест на Ќириќ, а една сепак е посебна, кога низ целата трибина беше испишано неговото име и презиме, а во средина стоеше македонското знаме.

„Пред да почне пандемијата со Коронавирусот често одев во Нирнберг и уште сум во контакт со луѓето во клубот. Дури имаше идеја да бидам и дел од Управниот одбор на клубот, но јас одбив затоа што ако бидам дел од клубот тоа треба да биде во спортскиот сегмент. Го следам германското првенство и добро ја познавам нивната репрезентација. Тоа е селекција која нема специјална ѕвезда како Меси или Роналдо, но е хомогена екипа и во сите 90 минути држи исто темпо. Тие се фудбалска машинерија. Ние немаме што да загубиме на тој меч. Оваа селекција покажа дека знае да се носи рамноправно и со големи противници како што е Италија со која одигравме 1:1 во Торино, а дома несреќно загубивме“, вели Ќириќ.

МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА ИГРА САМО НА ЕДНО ГОЛЕМО НАТПРЕВАРУВАЊЕ

Што се однесува до нашата репрезентација, по заминувањето на Пандев, ќе мора да се најде нов лидер.

„Имаме одлична генерација која созреа и со пласманот на ЕП докажа дека вреди. Пандев е лидер, но по неговото повлекување треба да се најде нов таков играч што ќе биде предводник како на теренот, така и надвор од него. Според мене, тоа во иднина може да бидат Барди или Елмас, но им треба уште искуство за такво нешто. Верувам дека пласманот на ЕП нема да биде единствено големо натпреварување на кое ќе ја гледаме Македонија во блиска иднина“, оптимист е Ќириќ, кој во моментов е главен застапник за спортска опрема од германската фирма „Салер“.

ЛИЧНО СЕ ПОЗНАВА СО КЛОП И ПОРАДИ НЕГО Е НАВИВАЧ НА ЛИВЕРПУЛ

Што се однесува до европскиот фудбал, тој е навивач на Ливерпул и тоа најмногу поради Јирген Клоп, со кого и лично се познава.

„Ливерпул е тимот за кого навивам. Играат одличен модерен фудбал. Сакам да гледам тимови како што се Манчестер сити или Барселона. Верувам дека кризата на Ливерпул во Премиер лигата ќе заврши и затоа очекувам сега да победат. Играм двојка на Тотенхем најмногу поради добрата игра на Герет Бејл во последните неколку меча и очекувам да го победат Арсенал. Атлетико Мадрид во Шпанија не смее да си дозволи кикс со градскиот ривал Хетафе и треба да освои три бода. Шалке веќе е испаднат и Волфсбург треба лесно да победи, а кога се работи за Борусија Дортмунд, кога игра Халанд, не треба да има изненадување. Во македонското дерби во Италија, очекувам Удинезе да игра дефанзивно против Џенова и да нема многу голови, а Милан да го победи Наполи, затоа што гостите се во криза“, анализира Ќириќ за хуманитарниот тикет кој носи одлични 660.547 денари.

Доколку тикетот е добитен, некогашниот напаѓач кој во кариерата има постигнато над 250 погодоци, сумата ќе биде донирана за СОС Детското село.

 

- Оглас -

Најнови вести