Како ќе изгледа Барселона утре ако не успее да ги регистрира новите играчи? (Фото)

Денеска е „Денот Д“ кога Барселона треба да изнајде начин како да ги пријави новите фудбалери (Левандовски, Рафиња, Кунде, Кристенсен и Кеси) и оние што летово ги продолжија договорите (Дембеле и Серџи Роберто) за да може да играат утре на дуелот со Рајо Валјекано на стартот на новата сезона во шпанската лига.

Каталонците потрошија многу пари за засилувања, но како да подзаборавија на финансискиот ферплеј, па сега мака мачат како овие засилувања да им бидат ставени на располагање за официјалните мечеви. Некои од приновите дури може и да си одат од клубот како слободни играчи доколку го сакаат тоа, а им го овозможува клаузула во договорите.

Барселона и без овие седуммина, утре би имала добар почетен тим, но секако публиката сака да ги види и приновите, меѓу кои е и најдобриот фудбалер за минатата година според ФИФА, Роберт Левандовски.

Од клубот тврдат дека тренерот Чави ќе ја има целата „артилерија“ на располагање, но ако сепак Барса не успее навреме да го среди проблемот, Каталонците отприлика би имале ваков состав кој е респектабилен: Тер Штеген, Араухо, Пике, Ерик Гарсија, Алба, Бускетс, Гави, Педри, Фати, Депај, Обамејанг.

Доколку бидат регистрирани сите играчи, тогаш напаѓачкото трио се очекува да биде сосема поинакво од ова на фотографијата и таму да се најдат Дембеле и Рафиња како крила, а Левандовски како централен напаѓач.

- Оглас -

Најнови вести