Како мршојадци му се навртеа на ранетиот Крал

Му се навртеа на Кралот да го дотолчат кога е длабоко ранет. Како мршојадци секој сака да му нанесе нова болка, но тој никако да падне. Избраниците на Зидан за помалку од седум дена претрпеа големи разочарувања, прво со елиминацијата во полуфиналето од ЛШ од Челзи, па и вчера со испуштените бодови во дербито против Севилја. Реал вчера играше против прилично незгодна екипа, а мораше и да се бори со судиските одлуки. Не велам дека тие беа намерно донесени за да се оштети сѐ уште актуелниот првак, но арбитражата на моменти не беше на потребното ниво.

Во оваа турбулентна сезона има простор да се каже дека е извлечен максимумот ако се земат предвид бројните повреди, проблеми со корона-вирусот, но и неконстанти партии на повеќето клучни фудбалери. Не дека Реал беше единствен клуб кој се соочуваше со вакви проблеми, но дефинитивно е еден од пооштетените. Реал во меѓусебните дуели токму против Атлетико и Барселона покажа дека е вистински шампион, но доста бодови испушти во мечеви кои се сметаа за „добиени“. Чудно е да се види моменталниот учинок, само еден триумф во последните пет меча не е карактеристично за клуб од кој секогаш се очекува без разлика против кого игра.

Факт е дека на оваа генерација полека ѝ доаѓа крајот, потребна е голема реконструкција за Реал повторно да биде страв и трепет, а како најреномиран клуб, нормално е да се поврзуваат моментално најдобрите фудбалери кои се достапни за ангажман. Прашање е само дали еден Мбапе или еден Халанд, за кои треба длабоко да се отвори џебот, ќе бидат доволни. Ниту одбраната не е цврста како што беше, Рамос колку и да е физички спремен и на 35 години да игра на врвно ниво, неговото тело често попушта, па можеби Перез е во право што не сака да ризикува со повеќегодишен договор за капитенот.

Иако Реал повеќе не се прашува за титулата, односно сѐ е во рацете на градскиот ривал Атлетико, кој можеби има најлесен распоред во последните три кола, знаејќи како се одвиваше оваа сезона во Шпанија, ништо не е сигурно, а нам како неутрални следбеници на случувањата во Ла Лига ни годи ваква тесна и неизвесна трка, која ја чекавме со години.

ЗАГРЕВАЊЕТО ЗА ФИНАЛЕТО ВО ЛШ НЕ БЕШЕ ПО ПЛАНОТ НА ПЕП

Во Манчестер сѐ беше подготвено за шампионска прослава на нова титула во Премиер лигата, меѓутоа Тухел и неговиот Челзи ја расипаа забавата на „Етихад“ во загревањето за финалето во Лигата на шампионите. Гвардиола си дозволи да одмора неколку клучни играчи, како: Де Бројне, Стоунс, Вокер, Гундоган, Марез и Фоден, а тоа го чинеше пораз во последните секунди од дербито и одложување на парадата.

Секако, голема улога во поразот одигра и промашениот пенал на Агуеро, кој сакаше со паненка да го насамари Менди, но спектакуларно се избламира, па потоа и извинувањето не му држеше вода.

Гвардиола по мечот посочи дека Тухел му ја откри тајната како да го победи во мечот за европската титула, кој ќе се одигра за помалку од три недели, односно на 29 мај. Шпанскиот стратег за помалку од еден месец двапати загуби од преродениот тим предводен од Германецот, по што се зголемија верувањата дека Сити ќе претрпи разочарување во своето прво историско финале на најголемата фудбалска сцена на Стариот Континент.

До средбата, која веројатно ќе се одржи во Истанбул според првичниот план, има доста време за Пеп да изготви нов победнички рецепт како што правеше во текот на целата сеозна, но воедно мора да признае дека Тухел му наби комплекс, а тоа ветува дека на 29 мај ќе гледаме одлична битка за пехарот со големите уши.

- Оглас -

Најнови вести