Како Мурињо со еден потег ќе ги придобие навивачите на Тотенхем? Да го врати Бејл!

Помина само еден ден по назначувањето на Жозе Мурињо за тренер на Тотенхем, а веќе се најавуваат можните засилувања на лондонскиот клуб. Португалскиот стратег пристигна во Тотенхем за плата од 15 милиони фунти по сезона, што е речиси двојно повеќе од тоа што го добиваше неговиот претходник, Маурисио Покетино (8,5 милиони фунти).

Со Покетино на клупата, Тотенхем само пред неколку месеци играше во финалето на Лигата на шампионите, но за пет години како предводник, аргентинскиот стратег не донесе ниту еден пехар во клупските витрини. Колку за споредба, Мурињо во кариерата има освоено повеќе и позначајни трофеи, отколку Тотенхем во 137-годишната историја.

Тотенхем е познат како клуб кој не троши многу пари на засилувања, но постои една интересна опција која ја најавуваат легендите Хари Реднап и Мајкл Доусон. Тие го советуваат Мурињо да се обиде во Лондон да го врати Герет Бејл. Велшанецот е во Реал Мадрид, но веќе неколку месеци „води војна“ со клубот од кој сака да си оди.

„Герет Бејл е незадоволен во Реал Мадрид. Мадриѓани уште летоска сакаа да го продадат, но секако дека не е евтин. Сепак, тој би бил големо засилување. Ако успее Мурињо во јануари да го врати Бејл во Тотенхем, сигурно ќе ги добие симпатиите од навивачите“, е заедничкиот совет на Реднап и Доусон.

Бејл играше во Тотенхем до 2013 година, кога за трансфер од 101 милион евра замина во Реал Мадрид. Со Кралевите има уште две и пол годишен договор, но повеќе од јасно е дека нема да го одработи до крај. Мурињо сакаше да го купи Бејл и додека беше тренер во Манчестер јунајтед, но тогаш Реал не сакаше да го продаде.

 

- Оглас -

Најнови вести