Најубавата фудбалска приказна во шпанската Примера дивисион доаѓа од Мадрид. Кога ќе се спомене главниот град на Шпанија, веднаш прва асоцијација се Реал и Атлетико, но овојпат не е така. Хетафе е малиот клуб од предградието на Мадрид, кој вреди 93,5 милиони евра, но игра фудбал кој ги носи кон пласман во Лигата на шампионите за следната сезона.
ИМААТ ПОДОБРА ОДБРАНА ОД БАРСЕЛОНА И РЕАЛ
Хетафе денеска со 3-0 ја растурија Севилја, која има тим со вредност од 286 милиони евра. Тоа е трипати повеќе од Хетафе, но малиот мадридски тим даде три гола за убедлива победа. Хетафе е тим за којшто се вели дека игра неатрактивно и грубо, но тоа носи резултати.
Дека цврстата одбрана е клучна за успех, се потврдува и во случајот со Хетафе. Тие ја имаат третата најдобра одбрана и досега примиле 29 голови. Само Атлетико (21) и Валенсија (27) имаат примено помалку погодоци. Колку за споредба, Барселона прими 32 гола, а Реал сезонава вкупно 38 пати ја вадеше топката од својата мрежа.
ПРЕД ТРИ СЕЗОНИ БЕА ВО ВТОРА ЛИГА
Хетафе на гости сезонава загуби само двапати, и тоа двата пати во Мадрид, кај Атлетико и Реал. За тоа како „растеше“ тимот на Хетафе, покажуваат последните четири сезони. Во 205/16 година Хетафе испадна од Примера, а веќе во следната 2016/17 како второпласиран во Сегунда повторно се врати во шпанската елита.
Во првата сезона по враќањето во Примера, Хетафе заврши на осмото место. Сезонава играат фантастично, па моментно се на четвртото место, кое води во Лигата на шампионите. Ако вака остане, Мадрид ќе има дури тројца претставници во ЛШ за следната сезона.
ИМААТ ИГРАЧ КОЈ МОЖЕ ДА ГО КУПИ КОЈ КЛУБ САКА
Во Хетафе не играат големи ѕвезди. Најпознат играч е Матје Фламини. Некогашниот репрезентативец на Франција и играч на Арсенал и Милан во фудбалот е повеќе поради забава. Тој е милијардер благодарение на инвестицијата која ја има направено од пред 11 години и формирањето на фирмата за производи кои може да ја заменат нафтата.
За тоа колку е богат Фламини, покажува и една анегдота. Додека беше играч на Арсенал, Фламини претрпе критики од играчот на Ливерпул, Емре Џан, кој изјави дека Фламини одиграл катастрофално. На ова, Фламини му одговори „Имам доволно пари да го купам твојот Ливерпул и потоа да те продадам тебе од клубот“.
Фламини, кој има 35 години, почесто е на клупата за резерви и сезонава има само 11 настапи во Примера.
Хетафе во клупската историја двапати играл во Европа. Во дебито во 2008 година стигна до полуфиналето од Купот на УЕФА, кога беше елиминиран од Баерн Минхен, и тоа дури по продолженија од 30 минути во реваншот, кога Баерн даде два гола, во 115-тата и 120-тата минута, за да помине понатаму.