Алексис Мекалистер е еден од фудбалерите кои блеснаа на Светското првенство. Аргентинскиот репрезентативец кој се закити со златото има неверојатна приказна. Фудбалерот кој го носи дресот на Брајтон, во првиот меч против Саудиска Арабија беше на клупата за резерви, а Гаучосите загубија.
Од следниот меч, Мекалистер беше вметнат во стартниот тим и во преостанатите шест меча до крајот на Мундијалот постојано е еден од главните адути на Гаучосите. Тој дури и постигна гол во победата над Полска, а во финалето против Франција одигра 115 минути.
Мекалистер има 23 години и во изминативе неколку години имаше интересен фудбалски пат. Роден е во Аргентина и играше за Аргентинос јуниор и Бока јуниорс, а потоа замина во Англија, во тимот на Брајтон.
Неговиот талент го забележаа на Островот, а први реагирале од Шкотска, од каде што е потеклото на Мекалистер. Тие се обиделе да му дадат државјанство и да го внесат во У21 националниот тим, но Алексис одбил таква понуда.
Потоа и Англичаните сакале да го „врбуваат“ и да го донесат да заигра за младата репрезентација, но и тој план остана неуспешен.
Освен аргентински, Мекалистер има и италијански пасош, па постоела опција да заигра и за Аѕурите, но тој сепак решил да чека повик од Аргентина. Тоа конечно се случува во јули 2020 година и оттогаш започнува неговата репрезентативна приказна со Аргентина, која од вчера е закитена со злато од Светското првенство во Катар.