По завршување на ракометните возбудувања на Европското првенство во јануари, македонската репрезентација сега повторно е активна. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров вечерва од 18 часот ќе играат на гости кај Австрија во контролен меч. Двете селекции имат директен пласман во главниот бараж за Светско првенство, па затоа овој термин во кои некои играат за да дојдат до главниот бараж, Македонија и Австрија ќе ги тестираат силите меѓусебе.

Македонија и Австрија досега имаат одиграно шест меча, а позитивниот биланс е на наша страна. Македонија има три победи, Австрија се радувала два пати, а нерешено (29:29) заврши последната пресметка која беше минатата година на Светското првенство.
Селекторот Лазаров најави дека во преден план му е да испроба дел од тактичките замисли, да даде шанса на повеќе ракометари и дека резултатот нема да биде во фокусот. Секако тоа не значи дека Македонија предвреме се предава, но сепак овој дуел е како подготовка за тоа што потоа следува, а тоа е баражот за Мундијалот во 2027 година.

