Поминаа речиси 24 часа откако беше откриено дека Кристијано Роналдо има корона-вирус. Капитенот на португалската репрезентација е единствениот позитивен случај во селекцијата и веднаш замина во изолација.
Поради заразата со опасниот вирус, Роналдо нема да биде во составот на Португалија за денешниот меч против Шведска. Според протоколот, првата ѕвезда на Јувентус треба да помине 10 дена во изолација, а потоа ако тестот му е негативен, ќе може да се врати на своите обврски.
Според фотографијата направена утрово, Роналдо е расположен и не покажува никакви симптоми на корона-вирусот. Седнат на балконот, Роналдо насмеан ужива во сонцето, но не смее да ја напушти собата.
Тој дури и го следеше синоќешниот тренинг на репрезентацијата, а од балконот им дофрлал на соиграчите дека и тој сака да се симне на теренот и да биде дел од тимот.