Во Франција се води обемна истрага за „местење мечеви“ во професионалниот тенис, а досега се обвинети седум лица, меѓу кои и тројца француски тенисери.
Истрагата трае две години, а според информациите, тројцата спортисти неодамна ги признале делата за кои се товарат. Во наредните недели ќе бидат изведени пред судија за подигнување на официјални обвиненија.
Сè започнало пред две години на меѓународен турнир во Родез, кога полицијата забележала необични обложувања поврзани со двајца француски тенисери кои настапувале во игра на двојки. Целата операција била поддржана од лица кои се занимаваат со поткупување, нудејќи пари на играчите за да манипулираат со исходите на мечеви, сетови или дури и гемови.
На удар не се најголемите ѕвезди, туку играчи со низок ранкинг на АТП листата кои тешко живеат од спортот, а како такви се поподложни и на манипулации.
Во истрагата сведочела и Марин Парто, 31-годишна француска тенисерка, која во 2022 година имала најдобри позиции на ВТА листата – 371 во сингл и 297 во двојки.
„Играв турнир во Романија кога ми пристапија неколку лица и ми рекоа: ‘Ако го изгубиш првиот гем, ќе добиеш 1.000 евра во кеш веднаш по мечот’. Одбив, но подоцна размислував и сфатив дека тоа е апсурд, бидејќи 1.000 евра е приближно колку што би добила да го освоев турнирот. Разбирам дека некои играчи можат лесно да прифатат, бидејќи 1.000 евра е огромна сума за нив“, изјавила Парто.
Истрагата ја води Централната служба за трки и игри при Националната управа за судска полиција, која следи и необични обложувања на интернет за да открие измами.
„Местењето натпревари“ во Франција се смета за сериозно кривично дело, а играчите кои се вмешани се соочуваат со строги казни. Последниот пример е 26-годишниот француски тенисер Квентин Фолио, кој доби суспензија од 20 години и финансиска казна поголема од вкупната заработка во кариерата.

