Финалето на Унгарскиот куп утре од 20 часот ќе заличи на фудбалски спектакл, а Хонвед и Мезоковеш ќе играат за пехарот пред 10 илјади гледачи.
На националната „Пушкаш арена“ ќе биде дозволено присуство на публика, но во ограничен број од вкупниот капацитет што брои 65 илјади места.
Унгарците направија компромис и ќе ги испочитуваат и здравствените протоколи, но и ќе дозволат финалето да биде како што му доликува на свечен чин, со публика на трибините.
„Пушкаш арената“ беше изградена специјално за Европското првенство што требаше да се игра годинава, но е поместено за 2021 година поради пандемијата со корона-вирусот.
Хонвед е четвртата најтрофејна екипа со 7 пехари во Унгарскиот куп и рекордер според поразите во финалињата, а ги има 11.
Мезоковеш ќе го игра првото, историско финале во клупската историја, а до него стигна со елиминација на МОЛ Фехервар, за кого играат нашите репрезентативци Бобан Николов и Висар Муслиу.