Леброн Џејмс е првиот кошаркар во историјата на НБА-лигата што успеал на 800 натпревари да постигне 25 или повеќе поени, а рекордот и јубилеј го прослави како што му доликува на Кралот на кошарката, со трипл-дабл ефект против Денвер нагетс.
Кралот Џејмс, како што го нарекуваат, постигна 27 поени со по 10 скока и асистенции и сега држи уште еден од многуте рекорди што ги постави во НБА-лигата.
Беше и прв стрелец на мечот што Лос Анџелес лејкерс го добија убедливо со 114:93 во првата меѓусебна пресметка на двата клуба по ланското финале во Западната конференција од плејофот. Ноќеска Џејмс успеа и да се пробие на третото место на вечната листа во НБА-лигата според реализирани удари од поле.
https://twitter.com/NBA/status/1357568963513827329?s=20
Одлична ноќ што долго ќе ја памети имаше и бекот на Голден стејт вориорс, Кели Убре. Забележа личен рекорд од 40 поени и стана само третиот кошаркар во историјата на Воините што успеал да го стори тоа, а притоа и да погоди најмалку 7 тројки.
Убре шутираше 7/10 за три поени и со блескавиот ефект од 40 поени им се приклучи на Стеф Кари и на Клеј Томпсон со таков потфат.
Голден стејт неочекувано лесно го декласира Далас маверикс со 147:116, и тоа на гостински терен, во меч со најмногу кошеви ноќеска и со најголема разлика меѓу двата тима.
Резултати: Атланта – Јута 91:112, Далас – Голден стејт 116:147, Филаделфија – Портланд 105:121, Мемфис – Хјустон 103:115, Л.А. Лејкерс – Денвер 114:93.