Како што му доликува на рекордерот – Севилја ја има најубедливата победа во финале со еден меч

Севилја е рекордер и по бројот на титули во Европа Лигата со пет пехари и со најубедливата победа во ова натпреварување, откако се игра по формат финале со еден меч на неутрален терен.

Андалузијците вечерва ќе бијат битка со Интер за шестиот пехар, а во 2006 година го демолираа Мидлсбро со 4:0 на „Филипс“ арена во Ајндховен.

Тоа засега е најубедливата победа во финален меч, а интересно е што Интер е зад Севилја во група од екипи што имаат по три пехари во Европа Лигата, а и според победа со најголема разлика.

Во првото финале кое се играше само во еден меч и на неутрален терен, Нероаѕурите го победија Лацио со 3:0 во Париза на „Паркот на принцовите“.

Тоа финале се играше во 1998 година и оттогаш се игра финале во еден меч на неутрален терен. Во друштво на Интер со по три титули во Европа Лигата, или како што порано се нарекуваше УЕФА купот се и Јувентус, Ливерпул и Атлетико Мадрид.

Победи од по 3 гола разлика во финале имаат и Парма со Марсеј од 3:0 во 1999 година, Атлетико Мадрид со идентични 3:0 против Атлетик Билбао во 2012 година, повторно Атлетико Мадрид против Марсеј со 3:0 во 2018 година и Челзи лани со Арсенал во Баку кога славеше со 4:1.

- Оглас -

Најнови вести