Парите имаат значајна улога во фудбалот, но дека не секогаш се најважни, покажа Црвена ѕвезда на синоќешниот дуел против Ливерпул. Англискиот гигант беше огромен фаворит за победа на мечот во Белград, но на теренот ситуацијата беше поинаква.
Ливерпул со ѕвезди како Мохамед Салах, Садио Мане и Роберто Фирмино „тежи“ дури 522 милиони евра, додека вредноста на играчите на Црвена ѕвезда е само 21,2 милиони евра. Сепак, на теренот на стадионот „Рајко Митиќ“ не играа парите, туку желбата за победа.
Сите играчи во „црвено-бели“ дресови во текот на сите 90 минути воопшто не се штедеа. Статистиката покажува дека против Ливерпул, играчите на Црвена ѕвезда истрчале вкупно 115,6 километри, додека гостите во оваа категорија се речиси со шест километри помалку претрчано. Домашните фудбалери знаеја како да се борат, но да не направат ни фаул. За цел меч, судијата покажа само осум прекршоци на Црвена ѕвезда и ниту еден не беше во опасната зона, што можеше да биде потенцијален гол за ривалот.
Салах, Мане, Стариџ и Фирмино делуваат отсечено во нападот и не ни можеа да создадат чиста ситуација за погодок, посебно не од добро смислена акција. Но тоа и не е случајно. Неверојатна е одбраната на Ѕвезда пред своите навивачи. Во досегашните шест меча во ЛШ, вклучувајќи ги и квалификациите, српскиот првак прими само еден гол. Спартак Трнава погоди на „Рајко Митиќ“, додека останатите пет ривали, меѓу кои се Наполи и Ливерпул, беа немоќни.
Статистиката покажува дека од последните 62 удари на противниците во европските натпреварувања, кон голот на „црвено-белите“, немало ниту еден погодок (тука не се сметаат дуелите од квалификациите).
Ливерпул за првпат во клупската историја има три порази по ред на гостински терен во ЛШ. Едноставно, Црвена ѕвезда руши бариери и покажува како со срце и желба сè е возможно.