Вардар вчера се израдува на втората европска ракометна титула откако во финалето со 27:24 го победи Веспрем. Македонскиот првак водеше речиси во текот на целиот меч, но во второто полувреме се случи мал пад на играта, кога Веспрем стигна и само до еден гол заостанување.
Се играше 43-тата минута од мечот, Вардар имаше предност од 18:16 и напад. Веспрем во тие моменти играше многу агресивно во одбраната и на „црвено-црните“ им беше тешко да најдат чиста ситуација за погодок. Во една таква ситуација, капитенот Стојанче Стоилов најде решение.
Вардар беше во напад, Стоилов направи блок на шест метри, а Карачиќ непречен од никого погоди за 19:16. Потегот на Стоилов со таков блок изненади многумина, а посебно го изненади играчот на Веспрем, кој едноставно се „залепи“ во ѕидот на Стоилов. Во тој момент одбраната на Веспрем ја почувствува силата на нападот на Вардар.
Дефинитивно ова беше потег на мечот.