Каков апсурд, луѓето умираат, а ние играме фудбал

Шест меча во Лигата на Европа се играа синоќа, додека одложени беа само дуелите во кои требаше да бидат вклучени италијански екипи. Манчестер јунајтед си ја заврши работата на гостувањето кај ЛАСК и победи убедливо со 5:0, а формален реванш треба да има и Базел, кој неочекувано убедливо со 3:0 го победи Ајнтрахт во Франкфурт.

Вулверхемптон одигра 1:1 на гости кај Олимпијакос, но во англискиот тим беа незадоволни што воопшто мораа да патуваат до Атина за да играат во време кога дивее Коронавирусот. Пред три дена беше откриено дека сопственикот на Олимпијакос имал Коронавирус, но и покрај тоа, мечот од Лигата на Европа не беше откажан.

Тренерот на Вулверхемптон, Нуно Еспирито Санто, беше разочаран и вели дека ова не е време кога треба да се мисли на фудбалот.

„Играме фудбал додека луѓето во светот умираат од опасниот вирус. Тоа е апсурдно“, рече Еспирито Санто.

Слично размислување имаше и стратегот на Копенхаген, Стале Солбакен. Данскиот тим гостуваше во Турција кај Башакшехир и загуби минимално со 1:0.

„Овој меч не требаше да се игра. Ова беше многу, многу тежок ден за играчите бидејќи ситуацијата со Коронавирусот во Данска е загрижувачка. Тие имаат жени, деца, родители, дедовци, баби, на чие здравје се фокусирани. Под вакви околности, навистина е импресивно што воопшто излегоа на терен да играат“, рече Солбакен, кој додаде дека неколку дена барале од УЕФА мечот да се одложи.

- Оглас -

Најнови вести