Каков шок: ПСЖ го претрпе најтешкиот пораз во последните 19 години во Европа!

Шокантно делува резултатот од второто коло во ракометната Лига на шампиони во Унгарија. Домаќинот Веспрем со 41:28 славеше над Пари Сен Жермен. Низ историјата, ПСЖ тешко поминувал на ова гостување кај Веспрем и имаше пет порази и само две победи во досегашните средби, но денеска се случи вистинска сензација според резултатот.

Почетокот на дуелот не најавуваше дека може да се случи катастрофа на ПСЖ. Беше 4:4, а потоа Веспрем поведе со 9:5, а на полувреме домаќините водеа со 18:15. Светците се држеа и во првите неколку минути од вториот дел, кога беа само на два гола негатива (22:20), а потоа следува потопот.

Веспрем прави неверојатна серија од 10:1 и поведе со 32:21. Во еден момент Веспрем водеше и со 40:25, а на крајот ПСЖ намали на 13 гола разлика. Според статистичарите, ова е најтежок пораз на ПСЖ на меѓународна сцена во последните 19 години. Последен пат поубедливо биле поразени во сезоната 2005/06, кога на гостувањето кај Кил во Лигата на шампионите загубиле со 44:28.

- Оглас -

Најнови вести