Кадис приреди првокласна сензација на „Камп ноу“ со победа против Барселона од 1:0, во сезона во која сè уште се борат за опстанок, а не примија ниту еден гол на двете најтешки гостувања.
Против Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ одиграа нерешено без голови, а вечерва на вториот шпански храм на фудбалот, на „Камп ноу“ ја победија Барселона со 1:0.
Победничкиот гол за тимот што се бори за опстанок го постигна Лукас Перес во 50-тата минута.
Кадис имаше уште неколку шанси за гол и изненади со играта, а на голот го имаа феноменалниот голман Џеремаја Ледесма, кој бранеше чудесно.
За Барселона ова е втор нокаут за пет дена, откако во четвртокот загуби со 2:3 од Ајнтрахт Франкфурт и е елиминирана од Лигата на Европа.
Каталонците останаа на второто место во Ла Лига со 60 бода, колку што има и Севилја, но со меч повеќе.
Реал е речиси сигурно нов шампион на Шпанија со 75 бода, 15 повеќе од конкурентите на шест кола до крајот на првенството.
Кадис побегна од опасната зона и со 31 бод е на 16-тото место.