Адис Јаховиќ е фудбалски цар во Турција и безмилосно ги тресе мрежите на противниците без разлика за кој клуб игра. И денеска дебито за Анталијаспор му мина во голгетерски стил со сефте погодок на гостувањето против Денизлиспор.
Во 27 минута од мечот што е дебитантски за нашиот поранешен репрезентативец за новиот клуб, Адис одигра одлично и успеа да го совлада Полјакот Стаховјак.
За Јаховиќ Анталијаспор е четвртиот клуб во Турција за кој настапувал, а во претходните три беше најдобар стрелец. Почна во Гезтепе каде редовно ги тресеше мрежите и беше стрелец број 1, истото го стори и во Коњаспор, а потоа газеше сигурно и ефикасно и во Јени Малатијаспор.
Со денешниот гол кој му е 12. Адис се проби на делба на третото место на листата со најдобри стрелци во турското првенство заедно со Ведат Муричи, репрезентативец на Косово, кој игра за Фенербахче. Пред нив се Сорлот од Трабзонспор со 15 и Сисе од Аланијаспор со 14 погодоци.
По првото полувреме Анталијаспор води на гости против Денизлиспор со 2:0.