Кошаркарската репрезентација на Македонија утре ѝ гостува на Романија во меч од претквалификациите за пласман на Светското првенство 2027 во Катар. Нашите кошаркари имаат два порази на првите два меча, а до крајот освен гостувањето во Орадеа, ќе играме и против Унгарија на домашен терен во Куманово.
„Бевме многу блиску до победата на отворањето на овие претквалификации. Бевме егал со романскиот тим, се до две-три минути пред крајот. Во тие моменти и беше решен победникот. Добро се сеќаваме на тој меч, но одиме понатаму, пред нас е уште еден, против ривал кој го знаеме многу подобро отколку на тој дуел во Куманово. Неискуството си го прави своето. Нам ни останува да “растеме“ од натпревар во натпревар. Да бидеме подобри и подобри и не се сомневам дека резултатите ќе дојдат. Веројанто Македонија досега немала помлад ростер во сениорската селекција. И тоа мора да се земе предвид кога се даваат некои оценки за квалитетите на репрезентацијата. Нема предавање, тоа можам да го порачам. Сите кои сме тука, сме како еден. Можам да ветам борба, за секоја топка, за секој поен. Тоа е она основното, а што ќе биде на крајот, ќе видиме. Битно е ние да го дадеме својот максимум од можностите, а каков ќе биде резултатот, се надевам позитивен за нас“, вели репрезентативецот Ваљмир Какруки.