Италијанскиот тренер Антонио Конте не планира долго да се задржува во Тотенхем и планира наскоро да си замине од Премиер лигата поради Јувентус.
Конте во ноември минатата година го наследи Нуно Еспирито Санто на клупата на Тотенхем и успеа да ги сврти работите во своја корист и тимот го однесе во Лигата на шампионите.
Претседателот на тимот, Даниел Леви, му понуди нов договор на Конте, со кого наместо 15 милиони евра, би заработувал 20 милиони, а згора на тоа му вети дека ќе му даде 200 милиони евра за засилувања во наредните два преодни рока, но на негово големо изненадување, Италијанецот ја одбил понудата.
Имено, англиските и италијанските медиуми пишуваат дека Конте сака на крајот од сезоната да се врати во Серија А, каде што го чека расплетот со Јувентус и тренерот Масимилијано Алегри.
Јувентус сезонава игра под очекувањата, но управата не сака да му врачи уште сега отказ на Алегри и ќе го остави да ја заврши сезоната, а ситуацијата во Торино будно ја следи Конте и го чека вистинскиот момент за да се врати во тимот во кој го помина најголмиот дел од играчката кариера, а како тренер на Старата дама освои три титули во Серија А.