Шпанија продолжува со перфектен биланс на Европското првенство откако во драматичен меч со 26:25 ја победија Русија, во меч од главната фаза. За Шпанија ова е петта победа во петото коло со што Црвената фурија е пред обезбедување на место во полуфиналето на континенталниот собир.
Од самиот старт на мечот се виде дека ќе биде неизвесно. Во текот на цело прво полувреме двете селекции се менуваа во водство, а по 30 минути Шпанија водеше со 12:11. Шпанција водеше со 14:13, кога следуваше најдобриот период во играта на Русија. Со серија од 5:1, Русите стигнаа до предност од 18:15, а потоа ја имаа и највисоката предност од четири гола (22:18).
Шпанците покажаа дека психички се одлично подготвени и за кратко време израмнија на 23:23. Во драматична завршница Шпанија имаше предност од 26:25, а Русија неполни 10 секунди да организира напад за нерешено. Шишкарев се обиде, но беше фаулиран.
Судиите мораа да гледаат повторена снимка, а по прегледување на ВАР ситуацијата, решија дека има пенал за Русија. Сорока ја превзема одговорноста да шутира за нерешено, но неговиот удар заврши во стативата и Шпанија победи со еден гол.