Хилмар Леон Јакобсен во минатата 2020 година, направи нешто што многу ретко се гледа во модерниот спорт, играше за репрезентацијата на Фарски острови во два различни спорта. Јакобсен е репрезентативец и во фудбал и во ракомет.
Овој 23-годишен спортист имаше филмска година зад себе. Секогаш сакал да биде фудбалер, но поради операција на колкот привремено се откажал, па почнал со ракомет.
„Ми рекоа дека играњето ракомет е подобро за моето здравје отколку фудбалот. Тоа беше разочарувачки за мене“ – вели Јакобсен на кого после повредата ракометот му стана главен спорт, но коронавирусот го врати на фудбалските терени.
Со клубот ХБ освои титула, а Јакобсен даде 12 гола. За фудбалската репрезентација дебитираше на 11 ноември 2020 против Литванија, а играше и против Летонија и Малта во Лигата на нации.
„Од сега, посветен сум само на фудбалот. Ми се исполни желбата да ја претставувам мојата земја во најсаканиот спорт“ – изјави сега Јакобсен.