Неверојатна приказна, поткрепена со снимка, раскажа Лука Ромеро, аргентинско-мексиканскиот фудбалер на Мајорка кој кога дебитираше на меч против Реал Мадрид, стана најмлад играч кој заиграл во историјата на шпанската Ла Лига. Талентираниот Лука нема ни 16 години, и постави рекорд, а кога имал седум години и бил на одмор, тој се сретнал на плажа со тогашниот играч на Барселона, бразилскиот бек Дани Алвес, и играл фудбал со него.
Ова се случило на Форментера, најмалиот од Балеарските острови во Средоземното море. Лука играл со другарите, и им пришол Дани, барал да им се придружи и почнале да си подаваат. Потоа, Алвес ги поканил децата на ручек во ресторанот.
По раскажувањето на случката, се јави и Дани Алвес, кој се сети дека играл фудбал со некои деца на плажа пред 7-8 години.
„Многу е убаво да се знае дека Лука бил едно од децата. Му посакувам се најдобро во кариерата. Вакви работи може да направи само фудбалот“ – порача човекот со најмногу титули во историјата на фудбалот.