Чудо над чудата се случи во Дуизбург, а Горан Пандев, Елиф Елмас и сите македонски фудбалски јунаци што креираа светска приказна со победа против Германија од 2:1 се „виновни“ за прекин на рекордот на четирикратниот светски првак.
Популарниот „Елф“ беше без пораз во квалификации за Светско првенство цели 20 години, а вечерва стоп на серијата на магичен начин и кажа храбрата Македонија.
Победивме со 2:1 и први по Англија во 2001 година ја нокаутиравме светската фудбалска велесила. Горан Пандев и Елиф Елмас со по еден гол ја крунисаа прекрасната претстава на Македонија во Дузибург, а прекината е и серијата од 18 победи на Германија во квалификациски мечеви за пласман на Мундијалите.
Тоа до вечерва беше рекорд во богатата фудбалска книга на Германците, но со велемајсторска приказна ја прекинаа храбрите гости од Македонија.