Какви се калкулациите во сите групи: На која репрезентација што ѝ треба за да оди понатаму

Италија, Белгија и Холандија се трите селекции кои се сигурни учесници во нокаут фазата и пред да започне третото коло во групната фаза од Европското првенство. Во пресрет на решавачкото коло, има многу калкулации, а секоја репрезентација е со свои надежи.

Ви ги изнесуваме варијантите кои се посакувани за селекции да бидат дел од следната фаза.

ГРУПА А

Италија е сигурна, а ако не загуби од Велс ќе го обезбеди и првото место

Велс со реми против Италија е сигурно втора, а тоа место ќе го задржи и ако Швајцарија не ја победи Турција со барем два гола.

Швајцарија со победа од два гола може да биде втора, но ќе чека и Велс да загуби од Италија.

Турција со евентуална победа и три бода, може само да стигне до третото место во групата

ГРУПА Б

Белгија сигурно оди во нокаут фазата, а со реми во последното коло против Финска ќе биде сигурно прва.

Русија оди понатаму со победа или со реми, под услов Финска да не слави над Белгија.

Финска за да биде втора треба да освои бод или да победи против Белгија, но и да чека пораз на Русија од Данска.

Данска има теорија да биде втора ако ја победи Русија, а Финска загуби од Белгија. Тогаш би се формирала мини табела од три екипи со по три бода и ќе решава гол разликата.

ГРУПА Ц

Холандија е единствена која е сигурен победник во групата по две одиграни кола

Украина ќе биде втора ако не загуби од Австрија.

Австрија мора да брка победа над Украина за да биде втора, но и со бод сигурно ќе бидат дел од нокаут системот.

Македонија е без никакви шанси и ќе остане последна во групата

ГРУПА Д

Чешка ќе биде победник во група ако не загуби од Англија.  Ќе биде втора, ако загуби од Англија, а Шкотска ја победи Хрватска. Чесите може да бидат и трети ако загубат, а Хрватска со повеќе голови разлика слави над Шкотска.

Англија сигурно оди понатаму ако ремиира, а ако слави над Чешка ќе биде втора.

Хрватска мора да победи за да остане во трка за нокаут фазата, каде што одат и четири најдобропласирани трети во своите групи.

Шкотска е во иста ситуација како Хрватска, па нивниот дуел ќе биде директна пресметка за нокаут фазата. Со реми, и двете ќе испаднат.

ГРУПА Е

Шведска ако не загуби од Полска ќе оди понатаму. Ако Шведска загуби, а на вториот меч од оваа група биде нерешено, тогаш Шведска, Полска и Словачка би имале по четири бода и ќе решава гол разликата.

Словачка треба да ја победи Шпанија за сигурно да оди понатаму. Може да оди и со реми, ако Шведска не загуби од Полска.

Шпанија мора да ја победи Словачка за да оди понатаму.

Полска ќе брка победа.

ГРУПА Ф

Франција не смее да загуби од Португалија за да биде сигурно во нокаут фазата.

Германија оди понатаму со победа над Унгарија, но доволно ќе биде и реми за Панцерите, ако Португалија не ги освои трите бода против Франција.

Португалија мора да брка победа за второто место, но и со реми може да оди понатаму како селекција што е меѓу најдобропласираните трети.

Унгарија може да биде втора ако ја победи Германија, а Португалија загуби.

 

- Оглас -

Најнови вести