Идејата за европска фудбалска Суперлига траеше само два дена, а привилигираните екипи кои се најдоа во улога на основачи на таа лига не се прославија во последните мечеви кои ги одиграа во домашните првенства. Клубовите кои се ценат дека се над сите останати екипи во Европа, на теренот не уверија дека се доминантни против „небитните“.
Миланските гиганти Интер и Милан остануваат на првите две позиции во Серија А, но синоќа беа немоќни на теренот. Милан на „Сан Сиро“ загуби од Сасуоло со 1:2, додека лидерот Интер на гости одигра 1:1 кај Специја. Од трите италијански екипи кои требаше да бидат дел од Суперлигата, победи само Јувентус, и тоа дома против Парма, која е веќе испадната во Серија Б. Старата дама губеше со 0:1, но не дозволи кикс и на крајот победи со 3:1 против „второлигашот“ Парма.
Во Англија, Ливерпул одигра 1:1 на гости кај Лидс, а Челзи се намачи на својот „Стемфорд бриџ“ и одигра без погодоци против Брајтон, кој се бори за опстанок во Премиер лигата. Лидерот Манчестер сити синоќа победи кај Астон вила со 2:1, иако губеше со 1:0 и покажа дека ќе биде новиот шампион во Англија.
Тотенхем со гол од пенал во 90-тата минута се радуваше против Саутхемптон со 2:1, во меч на кој домаќините во Лондон се мачеа буквално до последната секунда. Арсенал и Манчестер јунајтед играа мечеви вечерва пред да се открие Суперлигата и не беа убедливи дека се доминантни против своите ривали. Топчиите со гол во 90+7 минута се спасија од пораз на свој терен од Фулам, кој ќе испадне, додека Манчестер јунајтед со два гола во завршницата едвај го победи Барнли.
Најубедлив од сите несудени суперлигаши беше Реал Мадрид, кој на гости со 3:0 го победи Кадис и покажа дека има сили за одбрана на титулата во Примера дивисион. Останатите две шпански екипи кои беа дел од Суперлигата играат денеска.
Атлетико во Мадрид игра против Уеска, додека Барселона на „Камп ноу“ го пречекува Хетафе.

