Новото првенство во англиската Премиер лига уште не е започнато, а веќе се размислува за тоа што може да се случи ако повторно мора да има прекин поради пандемијата со корона-вирусот. Работна група најдоцна до 3 септември треба да достави предлог до клубовите што треба да биде одлуката ако има повторен прекин на шампионатот.
Се очекува да биде донесена одлука во случај на прекин на првенството. Ако веќе бидат одиграни 50 отсто од натпреварите, односно барем 20 кола, може да се донесе и одлука за конечен да се смета моменталниот распоред на табелата. Тоа значи дека ако има прекин по 20-тото коло, тимот кој е првопласиран ќе ја добие титулата, а по распоредот ќе се гледа и за тоа кои екипи ќе обезбедат излез во Лигата на шампионите и Лигата на Европа.
Прогнозите се дека пандемијата со корона-вирусот може да се влоши за време на зимскиот период. Минатата сезона во Премиер лигата имаше прекин од средината на март до средината на јуни. Потоа шампионатот продолжи, а Ливерпул стигна до титулата.