Најдобриот македонски тенисер, Калин Ивановски, немаше сили за уште едно изненадување и загуби со 2-0 од Стевен Диес од Канада во четвртфиналето на челинџер турнирот во романскиот град Јаши.
Ивановски на главниот турнир обезбеди пласман откако успешно и без загубен сет ги мина квалификациите, а потоа направи две големи изненадувања против домашните тенисери Јонел и Јиану.
Посебно радува победата над Јонел кој е во топ 200 светски тенисери, односно на 192-рата позиција. И Јиану беше подоброрангиран од Ивановски.
Сепак, денес Ивановски загуби од Диес кој е околу 100 позиции подобар од нашиот тенисер со 6-3 и 6-4 за 95 минути игра.
Нашиот тенисер беше одличен, добро се држеше во мечот, но немаше сили за ново изненадување, а на почетокот на вториот сет побара и медицинска интервенција што веројатно беше и причината за падот во финишот од вториот сет кога ги загуби последните три гејма.