Калјари едвај се спаси од испаѓање, ама има интересни играчи за гигантите

Калјари не ги оправда очекувањата во сезоната што заврши, едвај се спаси од испаѓање, иако имаше многу подобар тим од 16-тата позиција на конечната табела, што се потврдува и со интересот на гигантите за играчите на клубот од Сардинија.

Шампионот Интер сака да го купи уругвајскиот репрезентативец Нахитан Нандес и е подготвен во планирана размена на играчи да ги вклучи Раџа Најнголан и Матијас Весино.

За Најнголан дури и би немало преместување бидејќи тој веќе игра за Калјари како позајмен играч од Интер. Весино не е во плановите на новиот тренер на Интер, Симоне Инѕаги, а одигра само 8 меча за шампионот и под команда на Антонио Конте.

И големиот градски ривал на Интер, Милан, сака да пазари кај Калјари во летниот преоден рок, а нивна цел е да го купат романскиот репрезентативец Разван Марин.

Играчот за врска пристигна во Калјари од Ајакс и лани во првата сезона во Серија А одигра дури 37 натпревари и покажа дека е одличен фудбалер, па Росонерите сакаат да го донесат во своите редови.

Марин е стандарден репрезентативец на Романија и одигра цел меч против Македонија во март, кога бевме поразени со 3:2 во Букурешт.

 

- Оглас -

Најнови вести