Камбекот на Адеми е голем поттик, нападот ќе го предводи Јаховиќ, Ракип ќе чека деби од клупата за резерви

Аријан Адеми ќе биде во стартниот состав на Македонија за денешниот дуел против Лихтенштајн, што е големо охрабрување за нашата репрезентација и пред дуелот со Германија за три дена во Скопје.

Капитенот на Динамо Загреб се враќа во репрезентацијата откако ги пропушти трите септемвриски дуели против Еременија, Исланд и Романија, на кои трипати ремизиравме.

Со него во составот и играта на македонската репрезентација е поинаква, па се очекува победа во Вадуз, вечерва од 20.45 часот на стадионот „Рајнпарк“.

Интересно е што Адеми имаше еден камбек во нашата репрезентација по долгата пауза поради суспензија и играше во Струмица против Лихтенштајн на 9 октомври во 2017 година. Тогаш го замени капитенот Горан Пандев во 63-тата минута и успеа да постигне и гол само 300 секунди подоцна, со што ја запечати победата од 4:0.

Селекторот Благоја Милевски има неколку дилеми околу почетниот состав, а се очекува Адис Јаховиќ да добие шанса од првата минута, што би значело дека Милан Ристовски ќе биде резерва.

Се бара место во стартните 11 и за Ердал Ракип, кој очекува деби откако прифати да игра за Македонија иако е роден во Шведска.

Најверојатна варијанта е играчот на Малме да биде на клупата за резерви, па да добие минутажа во текот на мечот.

Измена, и тоа принудна, ќе има во одбраната, а Кире Ристевски ќе треба да го замени Висар Муслиу, кој не може да игра против Лихтенштајн поради жолти картони.

Можен состав: Димитриевски – С. Ристовски, Велковски, Ристевски, Алиоски – Адеми, Спировски – Трајковски, Елмас, Чурлинов – Јаховиќ. 

 

- Оглас -

Најнови вести