Давид Дејвис Камара се врати во Вардар и утре за првпат ќе биде главен тренер на клупата на двојниот европски првак против Нексе во меч од СЕХА-лигата.
Шпанецот му беше помошник на Раул Гонзалес во периодот од 2014 до 2018 година, кога Вардар ја освои првата шампионска круна во Европа, а играше уште еднаш на фајналфор-турнирот во Келн.
Се врати во Вардар како замена за Веселин Вујовиќ и се надева дека утре ќе има победнички старт во нова улога, како шеф на стручниот штаб на Црвено-црните.
„Имавме малку време за подготовки со сите играчи. Имаме сериозен противник и немаше многу простор за нешто драстично да се смени во кусите подготовки. Бевме речиси со половина тим, а поради настапот на ЕП, Гаџа, Валчак и Чувара имаа само два тренинзи со тимот. Нексе е одлична екипа, но се надевам дека ќе успееме да победиме“, изјави Дејвис.
Мечот ќе се игра утре, во салата „Јане Сандански“ во Скопје од 18 часот, а влезот е бесплатен.