Кампацо наместо во Европа, ќе игра против МЗТ: Евролигата ја казни Ѕвезда, прави милионски трансфери, а им должела плати на играчите

Комисијата за финансиски ферплеј на Евролигата ја казни Црвена ѕвезда со забрана за регистрирање нови играчи до 28 февруари и со парична казна од 25.000 евра.

Ова значи дека најскапото засилување во историјата на Црвено-белите, Факундо Кампацо, барем уште два месеца нема да може да игра во Евролигата. Следниот натпревар на Кампацо во дресот на Црвена ѕвезда поради суспензијата ќе биде во АБА-лигата, и тоа во СЦ Јане Сандански. МЗТ Скопје на 8 јануари ја пречекува Црвена ѕвезда.

Причината за суспензијата е ненавременето подмирување на обврските кон актуелните кошаркари, но и на играчите кои го носеа дресот на Ѕвезда минатата сезона. Евролигата соопшти и дека под нејзин притисок, Црвено-белите ги подмириле долговите кон своите кошаркари.

„Финансиската комисија на Евролигата, која е независно регулаторно тело, на Црвена ѕвезда ѝ изрече санкција која се состои од забрана за регистриција на нови кошаркари и тренери до 28 февруари 2023 година и парична казна од 25.000 евра поради тешко кршење на правилата на финансискиот ферплеј и стабилност“, стои во соопштението на Евролигата.

Во соопштението исто така се наведува дека случајот поради кој Црвена ѕвезда е казнета е доставен пред независната комисија, која ја оценува и ја проверува финансиската работа на клубовите, на 1 декември 2022 година и уште тогаш на шампионот на АБА-лигата му е изречена привремена забрана за регистрирање на кошаркари.

„Санкциите се такви поради сериозноста на прекршоците кои се однесуваат на задоцнети исплати на плати на кошаркарите во оваа и во претходните сезони, како и поради неточни информации кои клубот ги давал и така се стекнувал со незаконска предност. Комисијата исто така го зеде предвид и тоа што Црвена ѕвезда во изминатите две години, двапати беше казнета и ова е предупредување за клубот за сите можни прекршоци кои би можеле да доведат до тоа на екипата да ѝ се одземаат победи“, стои во продолжение на соопштението од Евролигата.

Поради суспензијата, на своето деби во Евролигата ќе почека најголемото засилување во историјата на клубот, Факундо Кампацо, кој само за вториот дел од сезонава треба да инкасира неверојатни 1,7 милиони евра, а дополнителни 2,5 милиони доколку остане и следната сезона.

- Оглас -

Најнови вести