Младата репрезентација на Македонија на гостински терен против Молдавија ќе ги продолжи квалификациите за пласман на ЕП за играчи до 21 година. По првите две кола, Македонија има победа на гости против Шведска (1:0) и пораз во Скопје од Холандија со 0:2, а селекторот Драги Канатларовски жали што против Холандија не освоивме барем еден бод.
„Задоволен сум од тоа што го одигравме на првите два меча. Играчите покажаа дека напредуваат и единствено ми е жал што не успеавме да одиграме барем нерешено против Холандија, но тоа е минато, а ние мора да гледаме само напред. Следува Молдавија, се надевам дека со позитивен резултат ќе се вратиме дома“, рече Канатларовски, кој верува дека нашите надежи може со три бода да се вратат од следниот меч, а тоа е гостување во Молдавија на 17 октомври.
Подготовките за овој дуел ќе стартуваат на 9 октомври, а селекторот ги повика добро познатите имиња.
„Тоа се фудбалерите со коишто располагаме, иако одредена група на играчи не се во прв план во своите екипи. Сепак, поради атмосферата и поради тоа што овие играчи добро се знаат меѓу себе, сакам да се задржи добрата атмосфера и нема големи промени. Дуелот против Молдавија е најважен за нас. Ако сакаме да бидеме во трка за едно од првите две места во групата, мора да победиме. Молдавија не е ривал од прв ешалон, но далеку од тоа дека се работи за слаб противник и никако не смееме да го потцениме овој ривал“, анализира селекторот на младата репрезентација на Македонија.