Младата репрезентација на Македонија до 21 година, официјално во Скопје ги започна подготовките за октомврискиот циклус на квалификации за пласман на ЕП.
Нашите репрезентативци на 11-ти октомври, на тренинг центарот „Петар Милошевски”, ја дочекуваат Молдавија, а четири дена подоцна на гости играат против Грузија.
Селекторот Драган Канатларовски даде свој коментар за претстојните предизвици.
„Натпреварот со Молдавија го дочекуваме со посебна желба и мотивација, со оглед на тоа што се случуваше на првиот меѓусебен наш дуел каде што забележавме несреќен пораз. Се надевам и верувам дека ќе успееме да одиграме квалитетно, борбено и максимално пожртвувано, остварувајќи победа против незгоден ривал. Сигурно дека нема лесен противник во овие квалификации и ниту еден меч не може да се добие лесно, па така ќе биде и на следните дуели против Молдавија и Грузија“, вели Канатларовски.
„Секој повик за репрезентацијата, сам по себе претставува голем мотив. Играчите треба да разберат дека националниот тим секогаш е на првото место и треба со голема желба и посветеност за се игра и бори за Македонија, без разлика кој е противникот на другата страна“, додава популарниот Цапар.