Канатларовски: „Во денешно време нема слаби противници, но квалитетот е на наша страна“

Младинската репрезентација на Македонија за фудбалери до 21 години утре ги продолжува квалификациите за пласман на Европското првенство, а наш следен противник во Скопје ќе биде селекцијата на Гибралтар.

Селекторот Драган Канатларовски вели дека токму овие натпревари против аутсајдери се најтешки за играње и мора да се даде максимумот за да се победи.

„Не само оваа генерација и не само во овие квалификации, туку и наназад во претходните циклуси секогаш кога сме фаворити и кога треба да доминираме и да победиме, ние често знаеме да потфрлиме. И обратно, кога против себе имаме некој фаворит, ние го даваме максимумот и едноставно тие противници тешко можат да се надигруваат со нас. Меѓутоа ние утре немаме друг избор, иако имаме некои проблеми со составот, сепак најдобрите се тука, подготвени сме и да се израдуваме на победа како увертира на натпреварот со Шведска“, вели селекторот Драган Канатларовски.

Канатларовски вели дека Гибралтар е анализиран и не треба да се плашиме од нивниот квалитет, но само ако ние одиграме на потребното ниво.

„Во денешно време нема лоши противници, тоа Гибралтар го покажа и на натпреварот против Молдавија, кога убедливо победија. Го анализиравме тој натпревар и видовме дека не се работи за некој квалитет од рангот на Шведска или слични репрезентации, но за да победиме, мора да го дадеме максимумот“, додава селекторот.

Натпреварот помеѓу репрезентациите на Македонија и Гибралтар до 21 година ќе се одигра утре, на Националната арена во Скопје, со почеток во 14 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести