Динамо Загреб се подготвува за гостувањето кај Бјеловар во осминафиналето од Купот на Хрватска, кое е закажано за вторник од 14.30 часот. Само еден ден откако спортскиот директор Марко Мариќ доби отказ, тренерот на Динамо, Фабио Канаваро, одговараше на новинарски прашања на прес-конференцијата.
На прашањето дали неговата иднина во клубот е доведена во прашање поради заминувањето на Мариќ, Канаваро беше јасен:
„Мојот план е да останам. Фокусиран сум на работата и целта е да го извлечеме најдоброто од тимот и играчите. Вчерашната вест беше голем шок и за мене бидејќи Марко беше човекот кој ме доведе во Динамо. Сепак, разговарав и со него и со управата и добив целосна поддршка да останам.“
Канаваро истакна дека губењето пријател и соработник е тежок момент, но тимот мора да остане стабилен и фокусиран на своите цели.
„Останавме без важен човек, но мораме да продолжиме напред. Ситуацијата е комплицирана, но ни треба стабилност за да успееме“, истакна Канаваро.
Сепак, италијанскиот стратег е задоволен од пристапот на своите фудбалери и верува дека тимот е на вистинскиот пат.
„Напредуваме секој ден, не само физички, туку и ментално и тактички. Среќен сум со посветеноста на играчите и верувам дека ќе станеме уште подобри“, заврши тренерот на Динамо Загреб.