Поранешниот фудбалер на француската репрезентација и Манчестер јунајтед, Ерик Кантона, ќе го прими одличјето на УЕФА – Претседателска награда за неговиот хуманитарен придонес. Тоа е изборот на Европската фудбалска куќа, потврди првиот човек Александар Чеферин.
„Оваа награда не го препознава придонесот на Кантона само како фудбалер, туку како и хуман човек кој макотрпно се бори за животот на другите. Кај него нема компромис, Кантона секогаш останува доследен на својот став и целосно се посветува да им помогне на беспомошните“, истакна Чеферин.
Овој четврток, во Монако ќе се одржи церемонијата на која Кантона ќе ја прими престижната награда, па со тоа ќе им се придружи на останатите фудбалски легенди, како: Дејвид Бекам, Франческо Тоти, Боби Робсон, Јохан Кројф, Франц Бекенбауер, Паоло Малдини и Франк Рајкард, меѓу останатите кои ја имале честа да ја добијат оваа награда.
Кантона на 30 години ја заврши професионалната кариера. Запиша 49 настапи за француската репрезентација, додека со Манчестер јунајтед четири пати беше англиски првак, а една првенствена титула освои и со Лидс јунајтед.