Капа долу за херојот на Шпанија: Наградата би му ја дал на голманот на Швајцарија

Голманот на Шпанија Унаи Симон почувствува како од еден до друг меч може целосно да се сменат работите. Ако во дуелот против Хрватска направи неверојатен кикс и прими автогол од 40 метри, вчера против Швајцарија, Симон бранеше блескаво и беше најзаслужен што Црвената фурија се пласираше во полуфиналето на Европското првенство.

Во 120-те минути игра, Симон и немаше многу работа затоа што неговите соиграчи поголем дел од мечот беа во напад, но кога дојде време да се изведуваат пенали, Симон го покажа квалитетот. Од четири шута, Швајцарците дадоа само еден гол, па Шпанија на крајот се радуваше, а Симон беше прогласен за играч на мечот.

Освен Симон, одличен на овој меч беше и голманот на Швајцарија Јан Сомер, кој постави рекорд на ова ЕП со 10 одбрани во текот на средбата. Сомер одбрани и еден пенал во рулетот од белата точка, но сепак не успеа да донесе полуфинале на неговата репрезентација.

„Ако мене ме прашувате, наградата за најдобар играч на мечот би му ја дал на голманот на Швајцарија, Јан Сомер. Тој имаше фантастични одбрани“, рече Симон, кој додаде дека на крајот сепак Шпанија заслужено победи и е дел од полуфиналето.

 

- Оглас -

Најнови вести