Во првиот натпревар од нокаут фазата на Европското првенство во фудбал во Германија, одличната селекција на Швајцарија вчера рутински ја победи Италија со 2-0 и ја елиминира уште во осминафиналето. Актуелните европски шампиони се простија од турнирот, а Швајцарција го чека подобриот од дуелот меѓу Англија и Словачка во следната фаза од ЕВРО 2024.
Италијанците одиграа очаен меч, речиси и да не го загрозија голот на Швајцарија, а потоа следеа критики за нивниот настап. Остро ги критикуваше и легендарниот Фабио Капело.
„Дали сте сигурни дека овој репрезентативен тим воопшто има квалитет? Ако темпото малку се намали и се соочи со тим со нормален ритам, тие имаат големи проблеми. Тактиката беше менувана илјадници пати. Спалети ја менуваше илјадници пати. На овој натпревар, Фаџоли играше пред четворица одбранбени играчи и беше целосно бесполезен“, анализира Капело.
„Најлошо од сè е што секој пат кога ќе тргневме во напад, бевме во опасност да примиме гол на другата страна на теренот, а тоа никој не забележа. Имаше премногу тактички грешки. Видов една разделена група на играчи. Не можам да верувам дека во второто полувреме продолживме да се обидуваме преку средината против Швајцарија, која се бранеше со петмина играчи, а ние не успеавме да го прошириме нашето поле на игра. Очигледно е дека играчите тоа не го забележаа и не беа способни, па затоа си ја додаваа топката на 7-8 метри. Видов многу збунетост во играта на Италија“, истакна Капело.