Дуелот меѓу Германија и Данска имаше 20-тина минути прекин во првиот дел поради лошите временски услови, а потоа доцнеше и стартот на второто полувреме. Телевизиските камери покажаа како капитените на двата тима заедно со главниот судија гледаат нагоре. Првичната помисла беше дека сите очекуваат повторно времето да „се налути“ и дека е можен повторно прекин поради невреме.
Сепак, друга била причината поради која капитените и судијата гледаа нагоре. На кровот од стадионот беше забележан маскиран човек со ранец како незаштитено чекори. Веднаш реагираа и специјалните полициски сили кои се најдоа на кровот и успеаа да го лоцираат и соберат човекот за кој се знае дека има 21 година и е од Оснабрих, но уште не се знае која му била целта да биде на кровот од стадионот и тоа да е маскиран.