Капитенот Кузмановски го знае рецептот за успех против Холандија

Филип Кузмановски беше вистински лидер на Македонија во дуелот против Унгарија во првото коло од Светското ракометно првенство. Капитенот постигна 10 голови и сигурно тој ќе биде наш главен адут и за следната пресметка против Холандија в петок. Со оптимизам и добро расположение се очекува дуелот против Лалињата.

„Денеска имавме цел ден добро да анализираме како дуелот против Унгарија, така и средбата која ни следи против Холандија. Против Унгарија одигравме добро, бевме на вистинското ниво, одлично подготвени, не брзавме во нападот, добро се враќавме во одбраната. Сепак тој меч треба брзо да го заборавиме. Со нетрпение го очекуваме дуелот против Холандија“, вели Кузмановски.

Борбеност, сплотеност и поддршка од трибините треба да бидат главните адути за Македонија да стигне до позитивен резултат во второто коло. Кузмановски верува дека ако одиграме како против Унгарија, успехот нема да изостане.

„Овие момци вчера покажаа како треба да се бори за Македонија. Се чувствувавме како да играме дома. Имаше многу публика, од еден до последен се боревме заедно, дишеме сите како еден. Се трудиме да бидеме еден колектив, да нѐ краси заедничкиот дух. Статистички, имавме многу играчи кои дадоа придонес во нападот и одбраната. Верувам во оваа млада селекција. Сакам да го повториме истиот меч како против Унгарија и да нѐ посака малку среќа“, Филип Кузмановски.

- Оглас -

Најнови вести