Капитенот Кирил Лазаров ќе не предводи на уште едно големо натпреварување, а најдобриот стрелец на Светските првенства вели дека треба сите заедно да извлечат максимум и повторно да ја презентираат Македонија во убаво светло.
„Се наоѓаме во една исклучително тешка група, со репрезентации кои имаат големи амбиции. Хрватска, Исланд и особено Шпанија, која е европски првак, ќе атакуваат на висок пласман, а со нас се и Јапонија и Бахреин, кои се релативно непознати за нас. Против нив не сме играле, но штом се на Мундијал, се подразбира дека нема да ни биде лесно со нив. Ние сме на почетокот на еден нов циклус, со подмладена репрезентација.
Прерарно е да се даваат заклучоци, ниту оптимистички, ниту песимистички. Сменет и форматот на првенството и ни претстојат најмалку 8 тешки натпревари. Имаме кус период и треба максимално да се подготвиме и тактички и психички и физички и да го извлечеме најдоброто од сите нас за достојна презентација на Македонија на Мундијалот. Имаме добар стручен штаб и селектор што знае да извлече максимум од нас, а јас ветувам дека ќе сторам сè да ги бодрам помладите репрезентативци за да се вклопат што побрзо во системот на игра. Ако треба јас во одредени ситуации ќе играм и среден бек, со цел да имаме поразновиден напад“, изјави Кирил Лазаров.