Капитенот на Јувентус знае дека титулата е неостварлива: Треба да се бориме за место во ЛШ

Јувентус вчера повторно киксираше и одигра само 2:2 во дуел со градскиот ривал Торино, иако Старата дама беше апсолутен фаворит за освојување на трите бода. Клубот кој во претходните девет години доминираше во Серија А, сега има 12 бодови помалку од лидерот Интер, негатива која тешко ќе може да се надополни во остатокот од сезоната.

И искусниот капитен Џорџо Кјелини знае дека борбата за шампионскиот пехар е речиси загубена и дека сега главна цел на Јувентус треба да биде на крајот од првенството да заврши на позиција која води во Лигата на шампиони.

„Направивме многу грешки кои не смееме да ги правиме кога играме на ова ниво. Штета. Мораме да останеме сложни, да работиме ден за ден и да го дадеме најдоброто од нас за да бидеме подобри. Нашата цел е да бидеме дел од Лигата на шампиони и следната година“, вели Кјелини.

Јувентус моментно е на четвртото место на табелата со 56 бодови, колку што има и петиот Наполи. В среда, во заостанат меч, во Торино ќе играат токму овие два тима, а прогнозите на многумина се дека доколку Јувентус повторно киксне, тренерот Андреа Пирло ќе добие отказ.

 

- Оглас -

Најнови вести