На Ливерпул му остана само Лигата на шампионите во обид сезоната да ја заврши со освоен трофеј. Англискиот гигант нема шанса да се бори за одбрана на тронот во Премиер лигата, а во саботата доживеа нокаут и со 4:0 беше елиминиран во четвртфиналето на ФА купот.
Токму тој убедлив пораз од Сити беше причина со реакција да се јави и капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, кој упати извинување до навивачите.
„Навивачите дојдоа на тоа гостување за да ни дадат поддршка и затоа јас сакам да им се извинам за тоа што го видоа таму, посебно за играта во второто полувреме. Го разбирам нивното разочарување. Оваа сезона честопати бевме во слична ситуација, да имаме шанси да не реализираме и потоа да загубиме. Сепак, 0:4 е тежок пораз и боли. Сепак, верувам дека имаме сили да ги смениме работите. Сега мора да се фокусираме на следниот меч, а тоа е дуелот против Пари Сен Жермен на гости во Лигата на шампионите“, рече Ван Дајк.
Ливерпул в среда ќе гостува во Париз на францускиот првак, во првиот меч од четвртфиналето од Лигата на шампионите.

