Капитенот на МЗТ Скопје Аеродром останува во „Јане Сандански“

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Дамјан Стојановски и во следната сезона ќе биде еден од носителите на играта на МЗТ Скопје Аеродром, со оглед на двегодишниот договор кој лани го потпиша со нашиот тим.

Стојановски дојде во МЗТ во 2012 година, освојувајќи пет шампионски титули и шест пехари во Купот на Македонија. Поради тешка повреда, бекот не беше дел од сезоната 2016/17, која ја пропушти во целост.

За тоа колку значи Дамјан во играта на МЗТ, покажа и признанието кое капитенот го доби откако беше прогласен за најкорисен играч на финалето од плејофот минатата сезона. Ова е трето вакво признание за него.

Капитенот на МЗТ Скопје Аеродром минатата сезона во АБА2-лигата на 27 средби имаше просек од 8,9 поени и 3,4 скока како втор најдобар тројкаш (45/117) и најдобар изведувач на слободни фрлања (36/41), додека во домашното првенство на 34 натпревари просечно реализираше по 12,5 поени и 5,4 скока со најмногу постигнати тројки (64) и како втор најдобар во тимот според бројот на украдени топки (1,5 по меч).

Професионалната кариера ја почна во Вардар, во 2005 година, има играно уште и за охридски АМАК-СП и за бугарскиот Лукоил Академик.

- Оглас -

Најнови вести