Капитенот на Наполи, Џовани ди Лоренцо, ќе мора да се подложи на операција на стапалото додека закрепнува од повредата на коленото. Фудбалерот се повреди во неделниот меч против Фиорентина при судир со Џовани Фабијан. Првичните стравувања беа дека станува збор за скинати предни вкрстени лигаменти на левото колено, но лекарските прегледи покажаа дека станува збор за истегнување од втор степен.
Времето за закрепнување од ваква повреда обично изнесува четири до шест недели. По разговор со клубот, Ди Лоренцо одлучи да го реши и проблемот со стапалото, кое го мачи последните шест месеци.
„Се плашев од најлошото. Испитувањата покажаа сериозна повреда, но, за среќа, не се вкрстените лигаменти. Сите не знаат, но играв со проблем во стапалото кој бара операција. Не сакав да го оставам тимот во тежок период и продолжив да играм, иако ја влошував состојбата. Болката стана неподнослива и со оглед на тоа што ќе отсутвувам поради коленото, решив да се подложам и на операција на стапалото“, изјави Ди Лоренцо.

